На Пепи Терзиоски
Младите потечени од бакнежи и црвени од кармини
стојат над почесните столови и примаат подароци
лицата одвај им се гледаат од купиштата цвеќиња
ненаметливо ја проценуваат дебелината на пликоата
и радосно си наздравуваат
родителите се среќни но се уште не се сигурни
кумот не би и простил на старосватицата
а за некој саат ни на невестата
ораџиите нестрпливо чекаат валцерот на младенците
да ја отвори сезоната
(се обложувам дека онаа прекрасна воздржана госпоѓа
за два часа ќе меша на маса)
костумите на господата (нафталински или позајмени)
се прекрасни кога се на закачалка или на столче
црвени образи олабавени вратоврски и полетни крагни
(пијаниците може да се поделат на статични и нестатични
но несомнено и едните и другите се врвни пејачи)
на децата им е позабавно отколку во луна-парк
меѓу два оброка - гибаница од луѓе (тесто+пот)
фатени за раце (папочен синџир на бесконечноста)
во масовен оргазам тоне кон вртлогот на вселенета
музичарите имаат високи чела пејачката отворен гард
а мајсторот на фотографија одвај чека да и се врати
на мртвата природа
толку извесно бесмртна во црно-белата Leica M6
„келнери! - вие сте богови“ - вреска алкохолот
„алкоси - вие сте гадови“ - си велат келнерите
и крадат по некоја минута за парче тутун во кујната
од тортата многукатна можеби некој очекуваше да искокаž
бившото момче на младата и со машинска пушка
да ја хепиендира трагедијата на радоста
ништо од сето тоа
само заминувања - поздравни или беспоздравни
остатоци од блудот на епикурејската публика
и првата долго очекувана брачна ноќ
со длабок сон по напорното броење пари
и отворањето пакети
со нокти и со заби
КРАЈ